“Have it, but with hope there is no need for it and no need to use it”, with these words Venco Filipov, owner of a textile confection from Stip, donates the respirator for the Clinical Hospital – Stip. During the pandemic, Filipov made the largest donation to the regional Infectious Diseases Unit, which treats patients infected with the coronavirus from municipalities in the eastern region. He told MIA that he decided to buy the respirator himself. He made the decision after his fellow business owners did not respond to the need for the respirator.
– „Имајте го, само да нема потреба од него и да не го користите“, со овие зборови Венцо Филипов, сопственик на штипска текстилна конфекција, го донира респираторот за Клиничка болница – Штип. Филипов за време на пандемијата ја даде најголемата донација за регионалното Инфективно одделение, каде што се лекуваат пациентите заразени со коронавирусот од општините во источниот регион. Тој за МИА вели дека решил сам да го купи респираторот. Одлуката ја донел откако претходно на повиците не се одзвалe неговите колеги.
– Во тие комуникации со моите колеги наместо да посветиме внимание како да се реорганизираме за полесно да ја пребродиме кризата, ние сакавме да се обесиме на грбот на Владата, на државата, да подоцна дојдат маски да се произведуваат и три-четири компании направат огромен профит. Тогаш предложив ние, околу 150 луѓе да дадеме по 1.000 евра и да го купиме она што е најнеопходно, а тоа беа респиратори, за што ние многу малку знаевме која е нивната потреба. На два-три пати ги прозивав преку контакти на Вацап, кога видов дека нема никаква реакција, јас самиот си ставив за задача да почнам да го барам овој апарат, вели Филипов.
Во потрагата како да го купи респираторот помош побарал од лекарот Атанас Сивевски, кој работи како анестезиолог на Гинекологија во Скопје.
– Тој воспостави врска со една македонска компанија што увезува медицинска опрема и благодарение на него и на неговата желба ние успеавме за месец и половина од Германија да го донесеме овој апарат. Мојата одлука беше да го донирам во Штип, бидејќи овде живеам. Прашав дали има потреба и кажаа дека има, бидејќи имале два или три такви апарати. Мојата филозофија е никогаш, ама баш никогаш да нема потреба да се употреби, но да се најде при рака, кога ќе има потреба. Разговарав и ако е потребно и со штипските бизнисмени да испратиме некој млад лекар на доусовршување. Затоа што како што ги гледаме ситуациите кај нас и во светот, овој апарат може да биде и погубен од неправилна употреба, рече Филипов.
Смета дека недостига општествената одговорност.
Работниците од текстилната индустрија и штипската јавност прават разлика меѓу термините газда и работодавач на конфекција. Вообичаено терминот газда се употребува за сопственик на конфекција што не ги почитува основните работнички права, додека зборот работодавач го користат за сопственик на текстилна компанија, кој ги почитува своите работници преку исплата на високи плати, К-15 и давање годишен одмор, согласно Законот. До пред неколку години на средбите со владини претставници или со сопствениците на текстилните компании, Филипов ги потенцираше барањата на работодавците. Прашан зошто веќе извесно време отворено говори и ги кажува слабостите на овој сектор, тој со одговор дека и тој како работодавец е работник. Филипов смета дека работодавците изминатите години се загубиле во ситуацијата, брзајќи да ги развијат своите компании.
– Забрзани со работа, забрзани со правење профит и развивање на компаниите, а не се свртивме кон себеси. Честопати кога дискутирам, а немам „влакна“ на јазикот и отворено дебатирам, а кога не сум во право знам и да се извинам, бидејќи јас не сум човек кој сè знае. Тргнувајќи од ова чудо, вирусот, колку што јас го разбирам дека малку ќе потрае, мислев дека на моите колеги малку ќе им ги променам чувствата и ќе почнат да мислат за себе, но и за колективното здравје на сите, вели Филипов.
Смета дека кај одредени негови колеги недостига општествената одговорност, која тој ја научил во еден друг систем, кога во Штип со пари од работниците од поранешните гиганти „Македонка“ и „Астибо“ се изградени голем број капитални објекти, како што се Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, потоа средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“, градинката „Астибо“. Објекти што како капитални инвестиции останаа да постојат за граѓаните.
– Тогаш повеќе беше изразена општествената одговорност. Ние го изгубивме човекољубието и денес со многу малку луѓе можам да разговарам за одредени проблеми. Еволуирам јас со текот на моите години, со малку луѓе имам слични мислења. Јас мислам дека ние како колектив, како текстилна индустрија имаме некоја себичност, злоба и недружељубивост, а ако не бевме такви немаше да се доведеме во ваква ситуација, каква што сме сега. Ако се дружевме и разговаравме сите аномалии во минатото што ги правеше општеството кон текстилот, ние ќе можевме да се спротивставиме, вели Филипов.
Според него, ваквата состојба во текстилната индустрија довела и до тоа штипското текстилно училиште одвај да опстојува и да не е атрактивно за средношколците. Ако во минататото било тешко да се запише ученик, сега во него одвај учат седумдесетина ученици од прва до четврта година. Филипов во разговорот за МИА вели дека е време за самократика.
– Според мене, најважно министерство и каде што треба да има постојано инвестиции е образованието. Ако имаме добро образование, ќе имаме добар доктор, електричар, правник, ќе имаме добар инженер. Ако сакаш да уништиш една држава, дај ѝ на глупоста да владее. Ние во изминатите 27 години го изгубивме човекољубието.
Заштитни мерки во фабричките хали
Потребна е голема грижа за своите работници, а особено во време на пандемија, оцени Филипов. Тој уште на самиот почеток на пандемијата на своите работници им поделил маски, кои токму тие ги шијат.
– Дезинфекциските средства ги набавивме, а имам и еден друг погон што не е во овие простории, каде што вршиме боење и преработка на конфекциски производи и уште на почетокот набавивме алкохол и направивме дезинфекциски средства. Алкохолот е вториот заштитник и ги уништува вирусите. Имаме наше сопствено возило, комбе, со кое само нашите работници ги земаме од дома ги носиме на работа и ги враќаме повторно до дома. Значи во нашата фирма можноста за зараза е многу мала, ако вработените ги почитуваат препораките што ги даде Комисијата за заразни болести, вели Филипов.
Тој на два дена одржува и состаноци со вработените, укажувајќи им секаде да се движат со маски, со цел да се заштитат себеси, но и нивните семејства. На работниците им го пренесува и сопственото знаење и искуство, а во војнички денови ја поминал и практичната и теоретска обука за атомска-хемиска одбрана, па затоа и знае во вистинска смисла на зборот што значи карантин.
– Последниот состанок со работниците можеби и беше малку емотивен, бидејќи им кажав сè можам да ви дадам, да ве тешам, економски да ви помогнам, но не можам да ве заштитам, ако вие самите не се заштитите, рече Филипов.
Тој 35-те вработени во двете фирми ги чувствува како семејство. На ѕидовите на неговата канцеларија можете да ги видите работниците, фотографирани на свечености, модни ревии, тим-билдинзи. На секоја годишнина на фирмата на вработените им дава подароци, часовник за десет години работен стаж и по 500 евра за дваесет години. Знае да ги обедини и за време на родендените, славеникот носи торта, а останатите му купуваат подарок, за децата на вработените секоја Нова година подготвува забава со новогодишни пакетчиња.
– Ако немаме визија што ќе се случи во наредните десет години, зошто ние работиме. Дали да си ги натрупам профитите некаде и да си уживам или да се трудам околината околу мене подобро да живее, поради тоа што околу нас ќе биде беда и беда на свеста, оцени Филипов.
Шиењето заштитни маски ги спаси текстилните компании
Пред почетокот на пандемијата, компанијата на Филипов шиела униформи за скандинавска авиокомпанија, но сега ова производство е замрзнато бидејќи, како што вели, нема авионски летови и нема ниту облека за стјуардесите и вработените во авиокомпаниите.
– Модата сега е сведена на десет отсто на она што беше пред пандемијата. Големите серии на налози ги нема и не се произведува поради тоа што поголем дел од моловите каде што се продаваат големи количини не работат. Наша среќа е што нашите купувачи не се толку големи, а прво што се отвори на Запад се малите бутици, така што ние во моментов имаме од онаа класична работа. Работевме и маски, кои, за жал, веќе таа прва навалица за утре да биде маската сошиена се стиши. Значи неколку компании направија големи профити, бидејќи успеаја да произведат големи количини маски, вели Филипов.
Викторија Димитрова-Јорданова